Град Скопје во изминатите денови извршил над 20 вонредни инспекциски контроли при што кај два субјекти било утврдено дека ги надминуваат дозволените емисии за што им е изречена казна од по 12 000 евра.
-Во изминатите денови извршени се над 20 вонредни инспекциски контроли на градилишта, Б инсталации и инсталации елаборати кои се во надлежност на град Скопје. Контролирани се Топлана Север и топланата на Клинички центар, утврдено е дека работат на гас, не се утврдени надминувања во мерењата на емисии. Се продолжува со мерења од стационарни места оџаци кај правни субјекти кои се во градска надлежност, стои во соопштението од Град Скопје.
Оттаму дополнуваат дека на повеќе локации се поставуваат апарати за мерење на ПМ10 честици за мониторинг од 24 часа, со цел утврдување на изворите на загадување.
Зголемени вонредни инспекциски контроли на Б инсталации и инсталации елаборати кои се во надлежност на Град Скопје, зголемени вонредни инспекциски контроли на градилишта, зачестено чистење на улиците и пешачките зони во надлежност на градот и мерката бесплатен јавен превоз се мерките кои ги презема Градот Скопје.
ЈСП Скопје попладнево ги информира граѓаните дека согласно соопштението од Министерствтото за животна средина и просторно планирање за надминување на прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри, се активира мерката бесплатен јавен превоз.
Владата воведе вонредна состојба во Скопје и уште три градови, со цел да ги заштити граѓаните од многу високо ниво на загаденост на воздухот.
Градежните работи ќе бидат ограничени на шест часа од понеделник, 26 декември, од 11 до 17 часот.
Владата им препорача на компаниите бремените жени и лицата над 60 години да бидат ослободени од работа онолку долго колку што трае загадувањето.