Казни од 13.000 евра за „Мош“ и „Интермецо“ поради гласна музика

од Nikola Popovski
685 прегледи

По пријави од граѓани за зголемена бучава од гласна музика од угостителските објекти на територија на Општина Центар, Секторот за Инспекциски работи, во текот на минатата недела, организирала акција за мерење на бучава со овластена лабораторија за животна средина „Еуромак контрол“ Скопје, во раните утрински часови.

Акциите се спровеле на целата територија на Општината, при што биле поминати клучните точки, односно локалите за кои што редовно има пријави од граѓани, конкретно во населените места Дебар маало, Буњаковец, Центар и Капиштец.

Извршено е мерење на бучавата на 2 угостителски објекти: Мош и Интермецо.

По извршените мерења на бучава, овластената лабораторија за животна средина ги доставило извештаите од мерењата, врз основа на кои се спроведени инспекциски постапки, со платен налог за глоба за сторен прекршок согласно Законот за заштита од бучава во животна средина.

Правните лица можат да платат половина од казната во рок од 8 дена. Доколку не ги платат казните во висина од 13.000еур, овластениот инспектор ќе достави Барања за поведување прекршочна постапка пред Основен суд, Оддел за прекршоци.

Општина Центар постојано добива поплаки од граѓаните за гласна музика и непочитување на работното време по што во неколку наврати досега има изречено казни за бучава. Општината апелира до сите управители и сопственици на угостителски објекти во општината, да се придржуваат до постоечките правилници, да имаат обзир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали и да се придржуваат до Законот за заштита од бучава во животната средина.

Слични содржини