Можно е опомените да станат казни за возачите, според системот „Безбеден град“, од 1-ви февруари, а не од 1-ви јануари како што беше претходно најавено. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски не исклучува да се пролонгира тест-периодот кој започна вчера.
-Целта е да ги заклучиме законските решенија заклучно со 1.1.2026 и да отпочнеме со имплементација. Сме на мислење дали тоа да биде 1.2 заради тоа што не сакаме да наметнеме решение кое нема да биде подготвено за имплементација. Ние го имаме веќе, но, сакаме да сме сигурни дека тоа е тоа. Можеби граѓаните ќе оценат дека можеби е потребно уште месец дена за адаптација, можеби тоа ќе биде подобро како техничко решение, со цел да го допровериме и граѓаните да бидат целосно запознаени. Битно е дека кога ќе отпочне, навистина да го имплементираме, кажа Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања.
Министерот вели дека целта не е за да се наполни Буџетот ниту дека државата сака да казнува туку дека обрската на државата е да гарантира безбедност и во рамки на својот максимум, да ги поткрева стандардите за имплементирање и почитување на безбедносните правила.