„Ќе ги паркираме автобусите пред Влада“: ЈСП денеска ќе протестира

од Берта Китинска
161 прегледи

Од Град Скопје на прес конференција кажаа дека денеска напладне вработените во ЈСП ќе протестираат пред Владата и автобусите нема да сообраќаат по 12 часот, доколку до тогаш Владата не го подмири заостанатиот долг од околу два милиони евра.

Конкретно, станува збор за долг од МОН, за превоз на средношколците и студентите, кој се однесува за неисплатени блок дотации цела година.

Со паркирање на автобусите пред Владата и институциите градоначалничката смета дека ќе изврши притисок ЈСП да добие пари, со кои подоцна, ќе ги исплати платите кон вработените.

И градоначалничката признава дека низ скопските улици изминатиот период не се обраќаат истите линии, во предвидените термини, за да превезуваат патници.

– Ние ќе отпочнеме со сите постапки кои што се во наша надлежност, а тоа е ќе им ги паркираме автобусите на ЈСП пред Владата и пред останатите институции кои ги блокираат процесите и на тој начин да овозможиме бесплатен јавен превоз за граѓаните и се додека не ги реализираме овие работи кои што тие ги долгуваат нема да се поместат автобусите од пред надлежните институции од каде што треба да се добијат овие средства – децидна е Арсовска.

Од Синдикатот пак велат, Владата не било место за нивниот протест.

Тие уверуваат дека штрајкот нема да гo остави Скопје без превоз, ама градските власти се заканија дека ќе нема автобуси ако државата не го плати долгот.

Во меѓувреме, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара итна седница за да се префрлат пари на Јавното сообраќајно претпријатите.

„Очигледно е дека власта на СДС и ДУИ потонаа во медарството на Данела Арсовска. Од многу заедничко медарење, скопјани може да останат без јавен превоз“.

Според социјалдемократите, пак, вината за колапсот во ЈСП е во централната власт на ВМРО-ДПМНЕ и нивната градоначалничка.

Владата негира дека должи 2 милионa евра на Град Скопје и ЈСП „Скопје“ за ученички и студентски билети, како што обвини градоначалничката.

Таа кажа дека вработените во ЈСП немаат плата бидејќи Министерството за образование не им префрлило пари и таа не се чувствува одговорна туку, напротив, најави дека заедно ќе ги паркираат автобусите од јавниот превоз и ќе протестираат пред зградата на Владата.

Од Владата велат дека ваквата состојба во која е ЈСП и најавата дека во Скопје ќе нема јавен превоз е показател дека општините неодговорно менаџираат со средствата наменети за превоз на учениците и навремено не ги подмируваат обврските.

„Согласно документацијата на Министерството за образование и наука, ова министерство редовно ги сервисира своите обврски кон сите субјекти со кои има регулирани законски надлежности, или пак со кои има склучени договори по разни основи кои иницираат финансиски обврски, што не е случај и со ЈСП ‘Скопје’. Што се однесува на студентските картички за попусти, Законот за високото образование (член 27 став 6) уредува дека Владата на Република Северна Македонија може да донесе одлука за посебни погодности за студентите, како што се студентска картичка за попусти, бесплатен градски превоз и друго, при што средствата се обезбедуваат од државниот буџет. Но, во календарската година не е донесена ваква одлука, од причина што во зимскиот семестар од студиската 2021-2022 година студентите не посетуваа настава со физичко присуство“, велат од Владата.

Слични содржини