Поранешната гинеколошка болница „Мала Богородица“, сегашен хотел „Ибис Стајлс“ станува ковид-центар со кој ќе менаџира Министерството за здравство, односно државата.
Поради воведената кризна состојба државата и министерството за здравство ќе одлучуваат кои пациенти ќе се третираат тука и каква терапија ќе добиваат.
Во тек е медицинско опремување на објектот сегашен хотел „Ибис Стајлс“, што Клиничката болница „Аџибадем Систина“ го отстапи за хоспитализација на пациенти со Ковид-19.
Се подготвува и техничката документација за станица за кислород што ќе биде поставена надвор од објектот со цел опслужување со кислород на пациентите кои ќе бидат хоспитализирани. Во тек се и преговорите околу начинот на кој ќе функционира овој ковид-центар, согласно договорот меѓу Министерството за здравство и приватните клиники за меѓусебна соработка во борбата со Ковид-19, информираат од болницата.
Капацитетот на објектот e 100 болнички легла. Дел од опремата и кадарот ќе бидат покриени од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и Клиниката „Жан Митрев“ согласно договорите со Фондот за здравствено осигурување. Пациентите кои ќе се третираат во објектот ќе добијат услуги на исто ниво како што добиваат и пациентите во овие две приватни здравствени установи. Секоја болничка соба ќе биде опремена со максимум два болнички кревети, клима уред, безжична интернет конекција, телевизор и посебна бања, потенцираат од болницата.