Нашите капацитети се во фаза на подготовка за да имаме сигурно производство на електрична енергија од термоелектраните во текот на грејната сезона, хидропотенцијалот е на 55 проценти од капацитетот или 70 до 80 проценти од просекот во изминатите 10 години и се користи само за одржување на сигурен и стабилен систем во делот на системските и балансните услуги, а во функција го ставаме и ТЕЦ „Неготино“, кој со одлука на Влада веќе е доделен на ЕСМ и како акционерско друштво се припојува кон АД ЕСМ, потврди генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Тој смета дека целосно ќе ги задоволат потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, потребите за загубите во системот за електродистрибуција и потребите на МЕПСО и порачува дека сите неопходни набавки се направени навремено и по поволни цени. За набавка на досега испорачаниот мазут, потврдува, се потрошени околу 25 милиони евра, а за јагленот околу 30 милиони евра.
– Имаме доволно количини и одговорно може да тврдам дека како држава во моментов набавуваме јаглен со најниска цена во регионот. За набавка на мазут имаме склучено договор уште во март за 140 илјади тони. Од нив досега се испорачани околу 35 илјади тони, а во наредните три месеци треба да се испорачаат уште 105 илјади тони. АД ЕСМ досега стопроцентно ги задоволува потребите за електрична енергија на регулираниот пазар и немаше потреба од набавка на струја од увоз. Доколку во текот на зимата има недостиг на енергија тогаш ќе увеземе, но тоа ќе бидат многу мали количини. Согласно планот за производство се предвидува до април стопроцентно да ги испорачаме сите потреби за енергија за ЕВН Хоум, Електродистрибуција и за МЕПСО, изјави Ковачевски по денешната работна средба во Стопанската комора со Македонската енергетска асоцијација.
Надлежните сепак повикуваат на штедење и рационално користење на струјата, бидејќи овој енергенс на светските берзи надмина цена од 500 евра за мегават час, што е за околу 6 пати поскапо од периодот пред кризата.
За Владата прифатливи се предлог мерките на Македонската енергетска асоцијација, кои ќе стапат во сила веднаш по прогласувањето на кризната состојба, односно во текот на следната недела.