На седница на Владата не е донесена одлука да се продолжи рокот на замрзнување на цените, информираат од Влада за „Локално“.
Оттаму додаваат дека економскиот владин тим будно ја следи состојбата и доколку има потреба ќе продолжи мерката.
-На седница на Владата не е донесена одлука да се продолжи рокот на замрзнување на цените. Претходната одлука важи до крај на месец јануари. Владиниот економски тим постојано ја следи состојбата што се однесува до замрзнувањето на цените и ќе се донесат нова одлука до тогаш, доколку е потребно да се продолжи мерката или не, велат од Влада.
Во декември владата донесе одлука првично да се замрзнат цените на лебот, шеќерот, брашното, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, месото, сувомесните производи, сирењето и урдата.
На оваа листа беа додадени уште три основни прехранбени производи ориз, јајца и тестенини.
-Цените од 1 декември ќе важат до 31 јануари 2022 година. Цените не може да се зголемат туку само да се намалат и затоа ние правиме напори да го зголемиме производството на електрична енергија, да нема ценовни шокови со електричната енергија и трошоците на претпријатијата да бидат помали, кажа неодамна министерот за економија Крешник Бектеши.
Ограничувањето на цените на примарните производи на слободниот пазар беше поттикнато од здравствената и енергетската криза во светот како и потрошувачката моќ на граѓаните.