Започнуваме со акција за мерење на бучава во угостителските објекти во Општина Центар, објави градоначалниот Саша Богдановиќ.
Како што се наведува, Секторот за инспекциски работи добил голем број пријави на граѓаните на општината.
-Постапувајќи по пријави од жителите, во наредниот период ќе зачестат инспекциските контроли за мерење на бучава од страна на овластените инспектори од општинскиот Сектор за инспекциски работи. Упатувам апел до управителите и сопственците на локалите да се воздржат од пуштање на гласна музика, да се придржуваат до постоечките правилници и да ги почитуваат законските решенија за дозволена гласност, стои во објавата на Богдановиќ.
Доколку инспекторите на терен констатираат надминување на дозволеното ниво на гласност и се констатира непридржување до пропишаните гранични вредности, ќе се изречат соодветни казни и санкции во согласност со Законот за заштита од бучава во животната средина.