Ќе се обновува спортската сала „Партизан“, граѓани ги разгледуваа идејните проекти

од Aleksandar Petrovski
278 прегледи

Под мотото „Партизан обединува“, Општина Карпош денеска организираше настан на кој граѓаните ги разгледуваа предложените идејни проекти за обнова на познатата спортска сала, а се чистеше и околниот простор со оградување на објектот за да се спречи дополнително уништување.

На денешната маалска дружба, како што соопшти Општината, присуствале повеќе граѓани, а пред присутните се обратиле претставници од институциите, граѓанскиот сектор и архитектот на салата Трајко Димитров.

Градоначалникот Стефан Богоев истакнал дека двата идејни проекта за ревитализација на салата ќе бидат објавени на општинската веб-страница, а карпошани ќе гласаат за новиот лик на овој култен спортски објект. Тој го истакнал задоволството што салата конечно е во владение на Општината, а се заблагодарил и до сите страни кои биле дел од Иницијативата за спас на „Партизан“.

– Трајно го заштитивме овој јавен простор. Тука нема да има нова зграда, туку нова спортско-рекреативна зона, спортски центар кој ќе поврзува различни генерации. „Партизан“ е во срцата на многу граѓани, а тука младите ќе можат да создаваат нови спомени и моменти, рече Богоев.

Според Симона Димковска, претседателка на меѓународното здружение „Културно ехо“, ова е позитивен пример како стар и напуштен објект може да се заштити и да се преземат активности за негова ревитализација и повторно враќање во функција на спортот и граѓаните.

За обнова на салата се предвидени средства од Агенцијата за млади и спорт. Првиот човек на АМС, Дарко Каевски истакнал дека реконструкцијата на „Партизан“ е дел од буџетската програма на институцијата за претстојната 2020 година.

– Посебни емоции кај присутните предизвика обраќањето на еден од најистакнатите македонски архитекти, Трајко Димитров, кој е идеен творец на салата. Почитуваниот Димитров изрази задоволство што идејните проекти го гарантираат автентичниот изглед на салата, но даваат и нова енергија на целиот простор, наведува Општина Карпош во соопштението.

Граѓаните денеска можеа да ги видат идејните проекти, а на почетокот на 2020 година ќе имаат можност и да гласаат  електронски, со што ќе се обезбеди и нивна вклученост во овој процес.

Слични содржини