Одлуката за давање донација на ЈЗУ Градска општа болница „8-ми Септември” – Скопје е една од главните точки за која ќе се расправа на денешната седница на Советот на Град Скопје.
Со оваа одлука се предлага Градот Скопје да даде донација што се состои во реконструкција на влезот и пристапните улици во ургентниот центар на болницата, на површина од 2.400 м2, а проценетата вредност на донацијата изнесува 2.356.100 денари без ДДВ.
-Оваа одлука е од исклучителна важност, бидејќи со истата се подобрува пристапноста до ЈЗУ Градска општа болница „8-ми Септември” којашто уште од почетокот на пандемијата функционира како ковид центар. За потсетување, минатата година, Градот Скопје изврши серија на реконструкции и изградби во Клиничкиот центар – Мајка Тереза, односно изгради посебен влез за возилата на итна медицинска помош, се изработи нов влез кај Инфективната клиника, се проширија влезовите кај Клиниката за стоматологија и на влезот на улица Белградска над Клиничкиот центар, а се реконструираа и двата постојни паркинзи кај клиниките за хирургија и за гинекологија и акушерство. Дополнително, во тек е и реконструкцијата на дел од улицата Загрепска со што ќе се подобри пристапноста до Институтот за белодробни заболувања – Детската болница Козле, каде што функционира еден од ковид центрите во Скопје, а за што Град Скопје издвои 10 милиони денари, информираа од Град Скопје.