Ќе се ревидираат протоколите, можно е свадби да се организираат од следниот месец

од Берта Китинска
441 прегледи

Во моментов во земјава се бележи тренд на намалување на новозаразените пациенти со ковид-19, има и значително празнење на болниците, велат надлежните.

Според министерот за здравство Венко Филипче иако состојбата со ковид 19 полека се смирува и во тек е  вакцинацијата, се уште е рано да се организираат свадби и прослави.

–Искрено се надевам дека овие трендови ќе вродат со плод, па наскоро ќе можеме да ги дозволиме и концертите и свадбите. Сега не можеме да ги дозволиме свадбите и концертите, бидејќи имаме проценка дека таму луѓето нема да ги почитуваат мерките, односно нема да ја држат потребната дистанца од два метра – рече Филипче.

Министерот за економија Крешник Бектеши во дебатниот магазин „Click Plus“ на истакна дека на крај на мај, почеток на јуни ќе може да се организираат свадбени прослави.

Тој вели дека доколку продолжи ваквата епидемиолошка ситуација, тогаш крај на мај или почеток на јуни ќе се отворат и рестораните за свадби согласно протоколите кои ќе бидат одобрени.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи неодмана во изјава за медиумите ја отфрла можноста во овој момент да се дозволи организирање свадби во земјава и порачува дека актуелните протоколи за работа на угостителските објекти важат до 15 мај, кога ќе се ревидираат согласно препораките од Комисијата за здравство.

Угостителите во земјава очекуваат дека свадби ќе има од следниот месец и тоа под строго утврдени протоколи. Последниот збор ќе го има Комисијата за заразни болести која во петок треба да го донесе протоколот за работа на рестораните.

Слични содржини