Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, се сретна со градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова и со претставници од управата на Друштвото за трговија и услуги „Универсал“ ДООЕЛ Скопје.
Имено, „Универсал“ ДООЕЛ Скопје е претставник за рударска механизација, која се употребува во подземниот ископ во рудникот „САСА“ Македонска Каменица.
Претставниците од „Универсал“ ДООЕЛ Скопје го отворија прашањето да се утврдуваат како бенефицирани работните места за вработените кои работат со употреба на оваа механизација, како што е: супервизор за јамска механизација, сервисер за јамска механизација, сменски сервисер за јамска механизација, помошен сервисер за одржување, супервизор за опрема за дупчење, острач на прибор за дупчење и сервисен инженер.
Министерката Шахпаска оцени дека Владата е отворена сериозно да ги разгледа сите прашања кои се во интерес на работниците и кои значат подобрување на нивниот статус.
„Како Министерство за труд и социјална политика остануваме отворени за сите прашања кои ги засегаат работниците. Изнаоѓање на најсоодветни решенија останува мој приоритет, секогаш во интерес на работниците. Целосно ќе ги ревидираме работните места со бенефициран стаж, со што ќе решиме проблем, кој со децении се провлекува“, рече Шахпаска.
Во рамки на проектот на Министерството за труд и социјална политика, кој се одвива со техничка поддршка на Светска Банка, е предвидена целосна ревизија на работните места со бенефициран стаж и изработка на нов правилник – нова листа со работни места со бенефициран стаж.
Министерката Шахпаска на средбата ја нагласи својата волја да се разгледа барањето на „Универсал“ ДООЕЛ Скопје и во рамките на законски предвидената процедура да се донесе соодветна и стручна одлука согласно позитивните правила за безбедност и здравје при работа.