Директорката на УЈП, Сања Лукаревска денеска информира дека во наредниот период координирано со министерот за финансии, ќе поднесат предлог-измена на Законот за враќање на дел од ДДВ-то за физичките лица.
-Мерката „Мој ДДВ“ слави трет роденден. Со повратокот на дел од данокот на додадена вредност кај граѓаните вративме 4,2 милијарди денари. Измената на Законот е со цел од наредната година од 1-ви јануари 2023 година, да се зголеми лимитот на повратот на ДДВ. Граѓаните наместо 1800 денари за тримесечје, да можат да добијат максимални 2100 денари за скенираните сметки преку апликацијата „Мој ДДВ“. Со ова даваме дополнителен стимул и кај граѓаните и кај компаниите, објасни Лукаревска.
Директорката на УЈП информира дека апликацијата стартувала со 212 776 корисници, а денеска брои близу 460 000, како и дека гледано по региони најмногу скенирани фискални сметки има во Скопје и тоа 259 милиони.
-Најмногу скенирани фискални сметки има од бензинските пумпи, мали и големи маркети, продавници за бела техника и облека, истакна Лукаревска.
Таа апелира редовно да се ажурираат промените на податоците.
-На овој начин само со точни и валидни податоци ќе се овозможи навремено исплаќање на дел од данокот на ДДВ. Ги потикнувам граѓаните кои сè уште не ја користат оваа апликација да се приклучат кон семејството корисници со што ќе си создадат можност за за дополнителни средства во нивните буџети, порача директорката на УЈП.