Кејн: Пеналите се најлошиот можен начин да се загуби финале

од Stefanija Kuzmanovska
340 прегледи

Тој беше човекот на одлука против Германија во осминафиналето, Украина во четвртфиналето и Данска во полуфиналето, но во борбата за круната на Европското првенство, недостасуваше голгетерскиот учинок на Хари Кејн. Капитенот на „Гордиот Албион“ не се виде против искусните стопери на „азурите“, тандемот од Јувентус – Џорџо Киелини и Леонардо Бонучи. Напаѓачот на Тотенхем погоди во првата серија од пенали, но последните три ги промашија Рашфорд, Санчо и младиот Сака, трагичарот на мечот на „Вембли“. Купот отиде на Апенините.

Кејн изјави дека ова е фантастичен турнир за Англија, но дека поразот на пенали е најлошото можно сценарио за губење на финалето.

„Не можев да дадам повеќе. Момчињата не можеа да дадат повеќе. Пеналите се најлошиот можен начин да се загуби ваков важен натпревар“, изјави Кејн за Би-Би-Си.

Капитенот е свесен дека не играа добро, дека беа инфериорни во поголемиот дел од натпреварот.

„Не беше наша вечер, но ова беше фантастичен турнир и треба да ја држиме главата високо. Секако, ќе боли сега. Ќе боли некое време, но ние сме на добар пат и градиме тим. Се надеваме дека можеме да се пласираме на Светското првенство во Катар следната година“.

По само една минута и 57 секунди од мечот, Лук Шо им донесе предност на Англичаните. Се до израмнувачкиот гол на Бонучи, тимот на Герет Саутгејт како да „го паркираше автобусот“ пред Пикфорд.

„Игравме против одлична Италија. Имавме совршен почеток. Добро го контролиравме натпреварот, Италијанците не создадоа премногу шанси. По погодокот, беше 50-50“.

Маркус Рашфорд и Џејдон Санчо влегоа при крајот на судиското продолжение да изведат пенал, но очајно ги изведоа. Рашфорд ја погоди стативата во третата серија, додека Донарума го одбрани ударот на новиот фудбалер на Манчестер Јунајтед од 11 метри.

„Секој може да промаши пенал. Победуваме заедно, губиме заедно. Ќе научиме и ќе растеме од тоа. Промашените пенали само ќе ги зајакнат, а тоа ќе ни даде поголема мотивација за Светското првенство следната година“.

Кејн заклучи со позитивен тон.

„Треба да бидеме горди како група на она што го постигнавме. Сите сме победници и сакаме да победуваме, па веројатно ќе боли некое време и остатокот од нашата кариера, но тоа е фудбал. Направивме чекор напред во споредба со Светското првенство во Русија“, истакна напаѓачот на Тотенхем, кој ова лето може да ги напушти „петлите“ и да се пресели во Манчестер Сити.

Слични содржини