Половина од англискиот тим што Герет Саутгејт го собра за Европското првенство никогаш не играл на големи турнири, но капитенот Хари Кејн рече дека сите повикани имаат доволно искуство за да настапат на успешно ниво на турнирот. Хари Мегваер, кој има 63 натпревари за Англија и Џек Грилиш, кој има 36, не беа вклучени во последниот тим од 26 играчи за шампионатот од 14 јуни до 14 јули.
„Мислам дека имаме повеќе од доволно искуство. Посебно сакам да нагласам дека доволно играчи учествувале на највисоко ниво, на меѓународни натпревари – на два или три турнири. Секогаш ќе има нови играчи кои заслужуваат да бидат тука. Значи тоа не е проблем. За момците кои го пропуштаат првенството, мислам, навистина е тажно да се видат како го напуштаат кампот. Но, на крајот на денот, тоа е она што го добивате кога играте за Англија. Менаџерот ги носи одлуките. Си кажавме дека секој што е тука си го заслужил своето место. Секој носи нешто различно во тимот и ќе ни требаат сите 26 играчи ако сакаме да бидеме успешни, рече Кејн.
Напаѓачот на Баерн Минхен се бореше со повреди на грбот на крајот на сезоната, но се врати во игра за Англија во победата од 3:0 над Босна и Херцеговина на почетокот на неделата и поразот од Исланд со 0:1 пред неколку дена.
„Се е во ред со мене. Планот беше да се одиграат 60 минути против Исланд. Да ви кажам, многу сум задоволен од кампот. Одработив неколку дена засилен тренинг и одиграв 30 минути против Босна и Херцеговина. Потоа тренирав уште неколку дена и одиграв 60 минути против Исланд. Сега можам да кажам дека се чувствувам навистина добро, подготвен сум за Европското првенство“, изјави Кејн, кој засега изгледа дека ќе биде заменет од Оли Воткинс доколку не е во најдоброто издание.
Англија ја започнува својата кампања за ЕП 2024 на 16 јуни против Србија. Другите две селекции во групата Ц се Словенија и Данска.