Англија синоќа во финалето на ЕП беше поразена од Шпанија со 2:1, а капитенот на „Гордиот Албион“, Хари Кејн на тој начин пропушти уште една шанса да го освои својот прв трофеј во кариерата.
Кејн, кој во поголемиот дел од кариерата играше за Тотенхем, ниту еднаш не успеал да го подигне шампионскиот трофеј во ниту едно натпреварување. Минатата сезона се пресели во Баерн и, неверојатно, но вистинито – успеа да остане на 0 трофеи.
Тој пред три години загуби со Англија во финалето за европски првак, а синоќа имаше шанса да се поправи, но не успеа.
Шпанците славеа со головите на Нико Вилијамс и Микел Ојарзабал, а Кејн по натпреварот беше депресивен.
„Тешко е да се опише со зборови како се чувствуваме сите. Беше многу тежок натпревар и тешко е да се прифати дека примивме гол во последните минути. Не е лесно да се стигне до финалето, а кога ќе влезеш во него, Не успеавме да го искористиме тоа. Не успеавме. Ова е ужасно болно и долго ќе боли“, изјави Кејн, кој беше заменет во 61. минута од мечот со Шпанија, откако „фуријата“ поведе со 1:0.