Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог, денеска изјави дека најсмртоносниот руски напад врз Украина оваа година, кој се случи во градот Суми, ги надминува „сите граници на пристојност“.
Руски напади утринава го погодија градот Суми, во североисточна Украина, при што загинаа 31 лице, меѓу кои две деца, а беа повредени повеќе од 80 лица, меѓу кои десет деца, изјави претходно денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Денешниот напад на руските сили врз цивилни цели во Суми на Цветници ги преминува сите линии на пристојност. Има десетици цивили мртви и ранети. Како поранешен воен лидер, го разбирам таргетирањето, и тоа е погрешно. Затоа претседателот Трамп работи напорно за да стави крај на оваа војна“, напиша Келог во објавата на платформата X.