Навистина ми е смешно да ме претставуваат ко експерт за водовод и канализација кога освен туризмот ништо друго не ме интересира, вака се огласи претседателот на Туристичко-угостителската комора Аркан Керим, откако денеска неговото име беше споменато на седницата на Советот на Град Скопје.
Керим ги отфрли шпекулациите, откако денеска беше побарано од градоначалничката на Скопје Данела Арсовска да одговори дали го познава и дали тој е мотивот за нејзините постапки во врска со тендерот за пречистителната станица.
-Најодговорно ги отфрлам сите шпекулации ниту сум турски државјанин ниту сум имал комуникација со актуелното градско раководство по ниеден основ, додаде Керим во својата објава на социјалните мрежи.
Советникот Луке Галески од ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека е загрозен проект за кој што Европската инвестициона банка определила огромна сума пари.
– Значи демантот на Арсовска не е само од Перински, не е само од ВМРО-ДПМНЕ туку и од ЕИБ. А, она што исто така привлекува внимание е тоа што градоначалничката во светот на медиумите важи за доста прилично затворена, жена која што има слаба комуникација со новинарите, но затоа истиот ден кога се отвораа понудите во „Водовод и канализација“ , таа имаше мотив да упадне на прес конференцијата. Можеби мотивот зошто тоа направивте лежи во овој лик тука, овој човек се вика Аркан Керим и јавно ја прашувам градоначалничката дали го познава ова лице и дали ова лице има поврзаност со турската компанија со која што медиумите не знам од каде дознале дека е учесник на тендерот 160 милиони евра, ја праша Галески Арсовска.