Ќерката на Навални прими наградата за човекови права наместо него: „Сега требаше да го гледате него“

од Stefanija Kuzmanovska
433 прегледи

Ќерката на затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални, Дарија, денеска ја прифати наградата за човекови права на Универзитетот Стенфорд во Калифорнија, во име на нејзиниот татко, за „храброст да се спротивстави на владата на Владимир Путин“.

Студентката од Стенфорд, Дарија Навална (20) изјави дека наградата која за Алексеј ја доделил Самитот во Женева за човекови права, нејзиниот татко ја посветил на „сите политички затвореници во Русија и Белорусија“, пренесе АП.

– Сега требаше да го гледате татко ми наместо мене, но тој е во руски затвор само поради неговите говори, постапки и убедувања и затоа што не сакаше да умре кога руската влада го посака тоа – рече Навална.

Таа рече дека нејзиниот татко ѝ напишал писмо од затворот, каде се наоѓа од јануари, откако беше избран за добитник на наградите.

– Тој ме замоли да му ја посветам наградата на секој политички затвореник во Русија и Белорусија – рече Навална.

Таа додаде дека нејзиниот татко покажал и смисла за хумор испраќајќи ѝ ја пораката.

– Прво и најважно, немој да го „упрскаш“ твојот прв јавен настап. Второ – не заборавај да кажеш колку сум горд што добив толку голема награда – го раскажа Навална писмото на нејзиниот татко.

Слични содржини