Додека се чека извештајот на Комисијата која го истражува случајот со смртта на родилката од Кичево, кичевчани негодуваат за причините. Со жалење зборуваат за настанот. Некои од нив лично ја познавале докторката на која оваа бременост и била прва и за неа имаат само пофални зборови, информира ТВ24.

Секојдневно ја гледале близу стоматолошката ординација која се наоѓа во центарот на градот, но никој не се надевал дека се ќе се заврши така фатално.
Млада перспективна, докторката потекнува од лекарско семејство добро познато во Кичево. Во нејзината стоматолошка ординација се лекувал пола град.
Кичево и понатаму е во жалост поради смртта на 31 годишната докторка Дебора Џамбази. Кичевчани имаат само пофални зборови за неа и како човек, успешен стоматолог и уште поуспешен некогашен професор во Кичевската гимназија. Ние денеска стапивме во контакт и со семејството Џамбази, но тие кратко ни рекоа дека во овие моменти не сакаат да даваат никаква изјава.
И голем дел од граѓаните не сакаа да зборуваат пред камера,но тие што успеавме да ги анкетираме освен што сметаат дека се работи за вистинска трагедија, претпоставуваат дека станува збор за лекарска грешка и бараат министерството да преземе итни санкции.
„Многу голема трагедија, исто како што беше ова со пожарот во Тетово. Трагични ситуации, нефункционирање на институциите на системот апсолутно постои. Луѓето што се одговорни треба да затегнат. Тоа се решава од горе, од Министерството надолу, директорите нека преземат нешто, не личиме на европска држава“
„Кај нас не постои правда, правдата е паушал. Вакви случаи постојано се повторуваат“
„Многу трагично“
„Супер госпоѓа, и бев инструктор, супер жена, трагично многу“, велат граѓаните.
Инаку младата родилка Џамбази почина пред 10 дена во клиниката Санте плус на која откако и била дадена анестезија и се затвориле дишните патишта. Нејзиното бебе успеа да се спаси и е во стабилна состојба, а од истрагата на комисијата при министерството за здравство и од извештајот од обдукцијата ќе се види дали има пропусти во целиот процес и што довело до смртниот исход.