Киднапирале македонска државјанка во Загреб: „Не смее да се ожени за него бидејќи е Хрват“

од Nikola Popovski
294 прегледи

Семејство на млада државјанка на Македонија од албанска националност, не можело да се помири со фактот дека таа е во љубовна врска со хрватски државјанин, за кого требало да се омажи минатата сабота, па решиле да ја киднапираат од неговата куќа, пишуваат хрватските медиуми.

Нивната цел, како што пишува „Јутарњи лист“, била да ја вратат во земјава пред свадбата, па главната улога во тоа ја имале Х.Н. (57) и Х.А. (38), кого истражителите ги сомничат дека ја киднапирале девојката.

Откако биле на распит во тамошното Обвинителство, истражниот судија од Жупанискиот суд во Загреб им изрекол едномесечен притвор за да не влијаат врз сведоците и да не го повторат делото.

Како што дознава хрватскиот портал, мајката на младата девојка која живее во Македонија не ја одобрувала врската.

Наводно, најмногу ја мачела националноста на младиот човек бидејќи нејзината ќерка е Албанка, а нејзиниот несакан зет е Хрват. Првично се обидела да ја реши „маката“ преку разговор, па разговарала со Х.Н., вујкото на нејзината ќерка, кој живее во Хрватска, молејќи го да ѝ помогне да ја врати нејзината ќерка во земјава, дури ако е потребно и присилно.

Според тамошните истражители, вујкото го повикал на помош 38-годишниот Х.А, по што пред неколку дена со автомобил се упатиле кон куќата во Нови Загреб каде живеела младата македонска државјанка. Како што пишуваат тамошните медиуми, двајцата ја извлекле девојката буквално боса и во ноќница од креветот, по што ја однеле во непознат правец.

Младоженецот и неговиот татко се обиделе да ги спречат, но секој напор бил залуден. Тие го забележале комбето со кое избегале и за се ја известиле хрватската полиција, на која не ѝ требало долго време пред да ги пронајде киднаперите и девојката.

Во своја одбрана уапсените го признале делото, оправдувајќи се со информацијата дека семејството било против бракот со Хрват.

Слични содржини