Еден од лидерите на италијанскиот хегемон Јувентус – Џорџо Киелини, ги мотивира соиграчите на интересен начин.
За тоа раскажа голманот на Сампдорија, Емилијано Вивијано. Во неделата „бјанконерите“ ги победија со 3:0 „морнарите“ во Торино, а по последниот гол на натпреварот искусниот дефанзивец рекол на теренот: „Не запирајте, титулата почнува тука“.
Во завршните минути Киелини извикал: „Средбата против Реал во Мадрид е полесна, додека со Кротоне ние треба да ја направиме разликата“.
„Тоа е карактер на победник“, додаде Вивијано.
Вечерва Јувентус гостува на Кротоне, кој се бори за опстанок и ќе бркаат задолжителна победа, за да ја задржи предноста од 6 поени на врвот пред Наполи пред големото дерби меѓу двата тима во недела.
Пред точно една недела италијанскиот првак одигра историски натпревар на „Сантијаго Бернабеу“ и до 93-тата минута водеше со 3:0, со што избришана негативата од првата средба во Торино. Тогаш сепак Реал доби контроверзен пенал, по кој Кристијано Роналдо ги испрати „белите“ во 1/2-финалето во Лигата на шампионите.