Киев: Москва се обидува да испровоцира прерана украинска офанзива

од Stefanija Kuzmanovska
318 прегледи

Москва ја промени тактиката во војната против Украина и почна намерно да гаѓа станбени области со проектили, а една од целите е да предизвика предвремен почеток на украинската контраофанзива, објави украинската влада.

„Нема сомнеж дека тие вршат директни напади врз цивилни станбени згради или локации со многу куќи кои припаѓаат на цивилното население“, изјави рано во вторникот на украинската телевизија советникот на украинскиот претседател, Михајло Подољак.

Со менување на тактиката Русија, меѓу другото, сака да испровоцира прерана украинска контраофанзива, изјави Подољак.

За време на постудените зимски месеци, Русија главно ја таргетираше енергетската инфраструктура на Украина.

Киев со месеци планира пролетна контраофанзива за да ги врати областите под руска окупација.

Подољак вели дека Москва сака да тестира дали Украина може да го заштити својот воздушен простор со најновите ракетни напади.

Во ракетните напади во последните денови загинаа многу цивили, особено во градот Уман во централна Украина, каде што 20 лица ги загубија животите откако проектил погоди станбена зграда во петокот.

Според британските разузнавачки служби, „Русија нема доволно муниција за офанзивен успех“.

Иако Москва ѝ даде „највисок приоритет на мобилизацијата на својата одбранбена индустрија“, таа сè уште „не успева да ги задоволи потребите на војната“, објави во вторникот британското министерство за одбрана.

Министерството секојдневно објавува ажурирања за војната од почетокот на инвазијата, која Москва ја смета за дел од кампањата за дезинформација.

Слични содржини