Портпаролот на украинското министерство за надворешни работи изјави дека руски беспилотни летала се урнале и експлодирале на романска територија ноќта во понеделникот за време на руски напад врз украинската пристанишна инфраструктура на реката Дунав.
Романија е членка на НАТО алијансата.
„Според украинската државна гранична служба, синоќа при масовен руски напад во близина на пристаништето Измаил, руски ‘Шахеди’ паднале и експлодирале на територијата на Романија“, напиша на Фејсбук украинскиот функционер Олег Николенко.
„Тоа е уште една потврда дека рускиот ракетен терор претставува голема закана не само за безбедноста на Украина, туку и за безбедноста на соседните земји, вклучително и земјите-членки на НАТО“, рече тој.
Николенко објави фотографија на која се гледаат пламени јазици по експлозијата на спротивниот брег на Дунав.
Украински извор за „Ројтерс“ изјави дека два руски дрона паднале на романската страна на Дунав.
Николенко ги повика западните партнери да ја забрзаат испораката на системи за противвоздушна одбрана во Украина.
Портпаролот на романското министерство за одбрана изјави за новинарите дека наводите дека руските беспилотни летала паднале и експлодирале на романска територија се лажни, пренесува „Ројтерс“.
Тој додаде дека министерството за инцидентот подоцна ќе излезе со официјално соопштение.