Колку Манчестер Јунајтед е неважен сезонава сведочи и табелата во Премиер лигата која покажува дека „црвените ѓаволи“ моментално го заземаат 14. место. „Умртвениот“ гигант од Олд Трафорд не може повторно да се собере, а нов кикс пристигна во неделата, кога тимот на Рубен Аморим загуби во осминафиналето на ФА Купот на својот стадион од Фулам, по изведувањето пенали. Фановите на „Ѓаволите“ продолжуваат да се срамат, а што да кажеме за нивниот тренер. На човекот како да „му одлетале гулабите“ па дал изјава дека целта е титулата! Инаку, „црвените ѓаволи“ последен пат го освоија ова натпреварување во сезоната 2012/2013.
Манчестер Јунајтед беа елиминирани од Фулам по изведувањето пенали, со резултат 3:4. Во декември „ѓаволите“ го завршија натпреварувањето и во Лига купот, а ги очекува осминафиналето од Лига Европа против Сосиедад.
– Целта е да ја освоиме Премиер лигата. Знам дека губиме натпревари оваа сезона и пропуштаме трофеи, но целта е повторно да ја освоиме Премиер лигата. Не знам колку време ќе потрае, но тоа е нашата намера. Ако размислуваме така, можеме малку да страдаме кога губиме, понекогаш и повеќе, но имаме цел, па одиме напред“, изјави Португалецот.
Манчестер на полувремето заостануваше со 0-1, а Бруно Фернандеш израмни во 71. минута. При 3:3 во пенал рулетот, шансата ја пропушти дефанзивецот Виктор Линделоф. Со оглед на тоа што крилниот напаѓач на противничката екипа Вилијан беше прецизен, а домашниот фудбалер Џошуа Зиркзе по него промаши, се беше решено. Победата му припадна на тимот од Лондон.
– Пеналите можат да бидат решени во било која насока, а денес не беше наш ден. Понекогаш ви треба само малку среќа. Некогаш победуваш, некогаш губиш. Знаевме дека оваа сезона ќе биде ваква“, додаде Аморим.