Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун го смени министерот за економија Ким Ту-ил, кој беше назначен на оваа функција минатиот месец и ја обвини неговата влада за недостаток на визија при поставувањето цели за новиот петгодишен план за развој.
Ким изјави дека новиот план не содржи „големи промени“ во однос на претходниот, кој, како што оцени, бил „ужасно неуспешен во скоро сите сектори“, пренесува Ројтерс.
Според Ким, владата не успеа да игра водечка улога во креирањето планови во клучните економски области, но речиси механички ги презентираше бројките доставени од министерствата.
Резултатот е дека плановите се нереално високи во некои сектори, додека во други целите се лесно остварливи, рече Ким.
Тој повика на зајакнување на домашното производство, бидејќи економската соработка со Кина, која сочинува 90 проценти од надворешната трговија на Северна Кореја, е намалена за повеќе од 80 проценти поради пандемијата на коронавирус.