Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун му рекол на рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов дека употребата на оружје со долг дострел од Украина е резултат на директна воена интервенција на САД и дека Русија има право да преземе акција во самоодбрана, објави денеска севернокорејската државна телевизија.
За време на денешната средба со Белоусов, Ким рече дека САД и Западот ги принудиле властите во Киев да ја нападнат руската територија со своето оружје со долг дострел и дека Русија треба да преземе акција за „непријателските сили да ја платат цената“, пренесе КЦНА, пренесе Ројтерс.
Ким вети дека ќе ги прошири врските со Русија во сите области, вклучително и воената сфера, како дел од сеопфатното стратешко партнерство што го потпиша со рускиот претседател Владимир Путин во јуни, кое вклучува договор за заемна одбрана, соопшти КЦНА.