Ким вети дека ќе му помогне на Путин во руската војна против Украина

од Vladimir Zorba
287 прегледи

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун му ветил на рускиот претседател Владимир Путин помош во руската војна против Украина, објавија медиумите по неговата средба со Путин во најсовремената руска вселенска постројка Восточни во средата.

„Русија се крена за да го заштити својот суверенитет и безбедност“, рече Ким на средбата со Путин, пренесува новинската агенција Интерфакс.

„Ние секогаш сме ги поддржувале и ќе ги поддржуваме сите одлуки на Путин и одлуките на руската влада. Се надевам дека секогаш ќе бидеме заедно во борбата против империјализмот и во изградбата на суверена држава“, кажа тој.

Средбата меѓу Путин и Ким е прва посета на севернокорејскиот лидер на Русија во последните четири години. Покрај прашањето за ракетната технологија, според набљудувачите, на дневен ред на состанокот е и испораката на оружје и муниција од Северна Кореја за Русија.

Самитот меѓу лидерите на двете земји, кои се повеќе се изолирани на меѓународно ниво, внимателно го следат Вашингтон и неговите сојузници, кои веруваат дека би можеле да се договорат за трговијата со оружје и одбранбена технологија.

Официјални лица на САД и Јужна Кореја изразија загриженост дека Ким ќе разговара за испораките на оружје и муниција за Русија, која потроши огромни резерви во повеќе од 18 месеци војна во Украина. Москва и Пјонгјанг ги негираа таквите намери.

Северна Кореја истрела две балистички ракети на денот на состанокот.

Изборот на состанокот на космодромот Восточни – симбол на амбициите на Русија како вселенска сила – е важен, бидејќи Северна Кореја двапати не успеа да лансира извидувачки сателити во последните четири месеци.

Путин во средата објави дека Русија ќе и помогне на Северна Кореја да изгради сателити, а на прашањето дали тој и Ким Џонг Ун ќе разговараат за снабдување со оружје, тој рече дека двајцата лидери ќе разговараат за сите прашања.

На прашањето на новинарите дали Русија ќе му помогне на Ким да изгради сателит, Путин одговори: „Затоа дојдовме овде. Лидерот на Северна Кореја покажува голем интерес за ракетното инженерство, тие исто така се обидуваат да развијат вселенска програма“.

Неколку часа пред очекуваниот самит, Северна Кореја лансираше две балистички ракети со краток дострел од област во близина на главниот град Пјонгјанг во морето кај нејзиниот источен брег, соопштија јужнокорејската војска и јапонската влада.

Ова е прво вакво лансирање додека е во странство, велат аналитичарите, за Ким, кој патувал надвор од земјата само седум пати во неговите 12 години на власт, сите во 2018 и 2019 година.

Тој, исто така, двапати накратко ја преминал меѓукорејската граница.

Слични содржини