Кимих се почесто размислува да го напушти Баерн поради Тухел

од Vladimir Zorba
180 прегледи

Фудбалерот од средниот ред на Баерн (Минхен), Џошуа Кимих, се почесто размислува да го напушти клубот на лето, пишува „Билд“.

Причината е влошувањето на односите на 29-годишниот играч за врска со тренерот Томас Тухел. Тензиите ескалираа синоќа во поразот од Бохум со 2-3, откако Кимих беше заменет и се скара со помошниот тренер Јолт Лев, за кој се верува дека е еден од најдоверливите на тренерот на Баварците. Двајцата си разменија жестоки реплики, при што фудбалерот беше видно лут и многу вознемирен. По мечот, Тухел го омаловажи тоа што се случило, велејќи дека тоа биле нормални разговори, особено по болниот пораз.

Тешкиот однос меѓу Кимих и тренерот на Баерн не е од денес. Играчот од средниот ред беше еден од најголемите поддржувачи на претходниот тренер Џулијан Нагелсман и имаше фундаментална улога под негово раководство. Меѓутоа, со доаѓањето на Тухел, Кимих го загуби својот незаменлив статус, честопати пропуштајќи ги стартните 11.

За недовербата на Тухел во Кимих повеќе говори инсистирањето на стручњакот да донесе нов дефанзивен играч за врска. Играчот од средниот ред е изнервиран и од одлуката да не стартува во кобниот меч со Баер (Леверкузен), кој го загубија со 0:3.

Кимих се здоби со повреда на рамото и се обиде што побрзо да се опорави за важната средба, што и успеа. И покрај ова, сепак, Тухел претпочиташе да започне во средината на теренот со Леон Горецка и Александар Павловиќ.

За Кимих се заинтересирани англиските гиганти Манчестер Сити и Ливерпул, како и Барселона, која будно ја следи ситуацијата. Фудбалерот игра во Баерн од 2015 година, со 373 настапи, 41 гол и 100 асистенции за баварскиот гигант.

Слични содржини