БЕЛГИЈА ја победи Португалија со 1-0 во осминафиналето на Европското првенство. Единствениот гол на натпреварот го постигна Торган Азар во 42-та минута. Белгискиот фудбалер брилијантно ја погоди мрежата од околу 22 метри и ја однесе својата земја меѓу најдобрите осум во Европа.
Португалскиот напаѓач Жоао Феликс (21) ја имаше последната шанса на натпреварот во петтата минута од судиското надополнување кога шутираше од работ на казнениот простор покрај голот.
На крајот, остана 1:0, а Белгија во четвртфиналето ќе игра против Италија.
После натпреварот, Феликс беше јавно нападнат од легендарниот Рој Кин, кој беше гостин на „ИТВ Спорт“.
“Жоао Феликс е измамник. Неговата земја има потреба од него, а тој не може да ја погоди ниту рамката на голот. Чини 100 милиони фунти? Да бев Роналдо, дефинитивно ќе тргнев по него во соблекувалната“.
На прославениот капитен на Манчестер Јунајтед му пречат неуспесите на Португалецот.
„Многу сум изнервиран затоа што тие се квалитетни играчи“.
Феликс е играч на Атлетико Мадрид, кој пред две години плати 126 милиони евра на португалска Бенфика за неговите услуги.