Кина ги обвинува САД за кражба на над 127.000 биткоини

Ова следи по случајот од минатиот месец кога Вашингтон објави заплена на монетите - најголемата во историјата

од Vladimir Zorba
10 прегледи Фото: Принтскрин/Еј-Би-Си Њуз

Кинеската агенција за сајбер безбедност ја обвини американската влада за оркестрирање на кражба на биткоини во вредност од околу 13 милијарди долари, што е најнов обид на Кина да им ги припише големите сајбер напади на САД, објавува Блумберг.

Кражбата на 127.272 биткоини од базенот за рударење биткоини LuBian, што се случи во декември 2020 година, е една од најголемите крипто кражби во историјата. Според Националниот центар за одговор на компјутерски вируси на Кина, хакерскиот напад веројатно бил „операција на државно ниво“ предводена од САД, наведувајќи дека тивкото и бавно движење на украдените биткоини се вклопува во модел на дејствување на државно ниво, а не во типично криминално однесување.

Извештајот, објавен минатата недела, ги поврза украдените биткоини од LuBian, некогаш една од најголемите услуги за рударење биткоини во светот, со монетите претходно запленети од американската влада. Вашингтон вели дека монетите се поврзани со Чен Џи, претседателот на камбоџанскиот конгломерат „Принс Груп“. Чен беше обвинет од САД за заговор за извршување измама преку интернет и за управување со шема за перење пари во октомври. САД одбија да кажат кога или како биле запленети неговите биткоини.

„Владата на САД можеби користела техники на хакирање уште во 2020 година за да украде 127.000 биткоини што ги поседувал Чен Џи“, се вели во извештајот. „Ова е класична операција „black eats black“ (еден злонамерен актер напаѓа друг – н.з. ) оркестрирана од хакерска организација на државно ниво“, се вели во извештајот.

Федералните обвинители во случајот на Чен Џи не кажаа како ја добиле контролата врз биткоините откако Министерството за правда поднесе тужба за одземање, запленувајќи 127.271 биткоини – најголемата заплена досега од страна на американска страна.

Кинеската влада станува сè погласна во обвинувањата кон американската влада за хакирање. Порано оваа година, Кина изјави дека САД искористиле пропуст во серверите на „Microsoft Exchange“ за да нападнат кинески компании. Минатиот месец, кинеската влада изјави дека има „неоспорни докази“ за американски кибернапад врз кинескиот национален стандарден временски центар. Но, обвинувањата на Пекинг се поопшти и им недостасува правна специфичност што обично ја имаат обвинувањата на САД кога станува збор за хакирање спонзорирано од државата.

Адвокатот на Чен поднесе писмо до американскиот суд во понеделник барајќи повеќе време за да ги пронајде биткоините украдени од LuBian. Во своето писмо, адвокатот Метју Л. Шварц, исто така, ги нарече тврдењата на владата за неговиот клиент „сериозно погрешни“. Самиот Чен не е задржан во САД, стана јасно претходно минатиот месец кога беше објавена заплената.

„Како што објаснивме во нашиот став пред судот, тесно соработуваме со експерти за криптовалути за да ги пронајдеме биткоините што владата ги заплени пред повеќе од една година, а кои беа украдени во 2020 година“, изјави Шварц за Блумберг.

Претставниците на Министерството за правда и кинеската амбасада во Вашингтон не одговорија веднаш на барањата за коментар.