
Кина го обвинува европскиот вид на коронавирус за новиот бран на зараза во Пекинг, кој инфицираше скоро 200 луѓе за осум дена.
Кинеската влада вчера објави податоци во кои се тврди дека вирусот потекнува од Европа, но дека постојат некои разлики од вирусот што во моментов се шири низ цела Европа. Тие веруваат дека вирусот се наоѓал во увезена замрзната храна веќе некое време, пишува „Дејли Мејл“.
Од денешните 25 нови случаи во Пекинг, вкупниот број заразени во последните осум дена се искачи на 183. Десетици илјади луѓе се тестираат, делови од градот се затворени, како и училиштата. Пет провинции објавија вкупно 17 случаи на инфекција со коронавирус поврзани со главниот град од 11 јуни. Повеќето од нив се продавачи на пазарот Ксинфади или блиски контакти на лица заразени во Пекинг.
Бен Каулинг од Универзитетот во Хонг Конг рече: „Можно е вирусот што предизвика ширење на инфекцијата во Пекинг да пристигне од Вухан во Европа и сега да се врати во Кина“. Тој додаде дека првиот случај сè уште не е идентификуван, така што не може да се знае со сигурност како започнало ширењето. Епидемиологот Ву Зунју рече дека кинескиот вирус наликува на европскиот и дека не потекнува од Пекинг. „Луѓето или стоките надвор од градот ја донесоа на пазарот“, тврди тој.
Производите беа тестирани, а државните медиуми објавија дека вирусот е откриен на табли за сечење користени за увоз на лосос. Како резултат, погодена е норвешката индустрија за лосос, а продавниците во Пекинг го тргнаа целиот лосос од продажба. Ву објасни дека пазарот на морска храна и рибите се извор на инфекција како резултат на ниската температура и високата влажност. Тој исто така предупреди дека се неопходни дополнителни истраги и проверки.
Норвешка негираше врска помеѓу коронавирусот и нејзината индустрија, а експертите велат дека е малку веројатно дека рибите би можеле да ја пренесат оваа болест. Во Кина се заразени вкупно 293 лица, најголем број од почетокот на мај. До неодамна, нови случаи беа увезени од други земји, но локалниот пренос на болеста е присутен во Пекинг.