Кина презеде нов чекор во веќе доста строгата контрола над медиумите во земјата. Нова директива забранува на онлајн медиумите да објавуваат гласини и непотврдени информации, соопштува интернет изданието South China Morning Post.
Во новата наредба се обрнува особено внимание на користењето на социјалните мрежи како извор на информации. Според кинеската Администрација на сајберпросторот, онлајн медиумите не можат да објавуваат вести од социјалните мрежи без претходно одобрување.
“Сите страници мора да носат важна одговорност да го подобрат квалитетот на репортажите и објавување на информации и да создадат внатрешни системи за мониторинг”, соопштува кинеската новинска агенција Xinhua. Таа цитира текст од Директивата што посочуваат уште дека е “забрането да се користат гласини за создавање на вести или да се користат шпекулации и имагинација за да се искривуваат фактите”.
Покрај тоа сајтовите се должни да ги наведат изворите на секоја вест. Тие немаат право и да “пренесуваат вести кои цитираат лажни извори”. Веќе има и повеќе сајтови, кои биле казнети или предупредени поради неточни информации, тврди агенцијата, но не ги конкретизира казните . Меѓу сајтовите се некои од најпопуларните кинески онлајн медиуми како Sina, Caijing, Ifeng и др.
