Сателитските снимки објавени во последниве денови покажуваат дека кинеската војска ја продолжува својата експанзија во Јужното Кинеско Море, со дури 27 нови воени објекти.
Вкупно 3.200 хектари воени објекти, полигони и аеродроми се изградени во многу краток рок на неколку острови во Јужното Кинеско Море, вклучително и аеродроми способни за сместување бомбардери што може да носат нуклеарно оружје.
Така, на гребенот Мисчиф, Кина изградила писти и повеќе од 72 хангари за борбени авиони, системи за противвоздушна одбрана, противбродски ракетни системи, напредни радарски инсталации и комуникациски релеи.
Од друга страна, уште во мај годинава, два кинески бомбардера Х-6К, способни за носење нуклеарно оружје, се забележани на островот Вуди.
Освен во Јужното Кинеско Море, процесот на проширување и изградба на нови воени инсталации започнал и во делови од Коралното Море кон Австралија, при што Пекинг се повикува на својот пристап кон поморското разграничување, познато како „линии од девет цртички”.
Во процесот на проширување на воените инсталации, кинеската војска уништила повеќе од 4.000 хектари корални гребени, при што со оспособувањето на гребените за воени цели се уништении најмалку 20.000 хектари морско дно.