Неколку европски фабрики за автомобилски делови се принудени да го прекинат производството поради недостаток на ретки минерали, откако Кина воведе нови извозни ограничувања. Здружението на европски автомобилски добавувачи (CLEPA) предупредува дека ако ситуацијата не се стабилизира наскоро, последиците ќе ги почувствуваат и други компании во следните неколку недели.
Од почетокот на април, Кина – која обезбедува дури 90% од светското производство на технолошки критични минерали – воведе строги правила за извоз на одредени ретки земни минерали и магнети. Овие ограничувања веќе ги нарушуваат синџирите на снабдување, не само во автомобилската, туку и во воздухопловната и технолошката индустрија ширум светот.
Според CLEPA, европските добавувачи досега поднеле стотици барања за извозни дозволи, но само четвртина се одобрени. Дел од барањата биле одбиени поради административни процедури, додека некои кинески провинции побарале и доверливи информации поврзани со интелектуална сопственост – нешто што предизвикува дополнителна загриженост кај европските компании.
„Процедурите се разликуваат од регион до регион, што создава голема неизвесност,“ велат од CLEPA, додавајќи дека неколку компании веќе ги запреле производствените линии.
Компаниите се соочуваат со исцрпување на залихите, кои во многу случаи се доволни само за неколку недели или месеци. Германскиот електроиндустриски сојуз ZVEI истакнува дека многу фирми се чувствуваат оставени сами да се справуваат со кризата. „Некои веќе бараат алтернативи надвор од Кина“, изјави извршниот директор Волфганг Вебер.
Иако фабриките на BMW засега работат нормално, компанијата призна дека чувствува влијание врз снабдувањето. Германскиот Volkswagen, пак, добил известување дека дел од неговите добавувачи добиле ограничен број кинески лиценци, но за сега не очекува прекин во производството.
Шведскиот производител Autoliv, кој е светски лидер во производство на воздушни перничиња и безбедносни појаси, соопшти дека моментално не е погоден, но веќе формирал работна група за да се подготви за евентуални проблеми во иднина.
Индустријата е на штрек, а исходот од ситуацијата ќе зависи од тоа дали и колку брзо Кина ќе ја олесни постапката за извоз. Доколку тоа не се случи, Европа може да се соочи со нов бран производствени застои.