Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Ванг Венбин изјави дека не треба да му се суди на Џулијан Асанж, туку на „хакерската империја која се обидува да ги сокрие своите злосторства“, пренесува „РИА Новости“.
„Не треба да му се суди на Асанж, кој ја разоткри вистината, туку на хакерската империја која шпионира и краде тајни од сите земји и со сите сили се обидува да ги сокрие своите злосторства“, изјави Ванг Венбин.
Претставници на кинеското министерство за надворешни работи и претходно во повеќе наврати ги нарекуваа САД „хакерска империја“.
Претходно, бразилскиот претседател Лула да Силва ги повика сите да го бранат основачот на „Викиликс“, кој чека да биде екстрадиран во САД, каде што ќе одговара за шпионажа.
Асанж ќе поднесе нова жалба до Високиот суд во Лондон од британскиот затвор, изјави неговата сопруга Стела Асанж, надевајќи се дека нејзиниот сопруг нема да биде екстрадиран во САД.
Меѓутоа, меѓународната организација „Репортери без граници“ кон крајот на минатата недела објави дека неговата претходна жалба била одбиена на 6 јуни по сите точки. Така, поднесувањето нова жалба ќе биде „последниот чекор во судовите во Велика Британија“, бидејќи понатамошната постапка ќе биде можна само во Европскиот суд за човекови права, се вели во соопштението на организацијата.
На Асанж му се заканува затворска казна до 175 години во САД под обвинение за објавување на најголемиот број доверливи информации во историјата на земјата.