Кина повторно ги критикуваше Соединетите држави поради Авганистан, велејќи дека Америка не може само така да ја напушти земјата зафатена од војна.
„Соединетите држави се главната причина и најголемиот надворешен фактор во авганистанското прашање“, изјави во понеделникот портпаролот на Министерството за надворешни работи, Ванг Венбин, додавајќи дека не може туку така да се избега, пренесе Асошиејтед прес.
Тој ги повика САД да помогнат во одржувањето на стабилноста, да избегнат хаос и да го обноват Авганистан.
„Се надевам дека американската страна ќе може да ги координира своите активности со зборови, да ја преземе својата одговорност во Авганистан и да ги спроведе своите обврски кон Авганистан во однос на развојот и реконструкцијата и хуманитарната помош“, рече Ванг Венбин на дневниот брифинг.
Кина изрази подготвеност да работи со сите страни во Авганистан, вклучувајќи ги и Талибанците, за обнова на нацијата зафатена од војна.