Кина се понуди да дејствува како посредник меѓу Иран и Пакистан поради стравувањата од натамошна ескалација меѓу двете земји по меѓусебните воздушни напади, пренесува германска новинска агенција.
Еден ден откако ирански дронови ги погодија исламистичките борци во прекугранични напади, пакистански воени авиони гаѓаа наводни засолништа на националистички сепаратисти во соседен Иран.
Размената на оган меѓу мнозинскиот сунитски Пакистан и шиитскиот Иран ги зголеми тензиите меѓу двете страни, а регионалните сили како Кина и Русија ги повикаа двете земји да покажат воздржаност за да не ескалира дополнително конфликтот. Затоа Пекинг понуди да посредува во разговорите.
„Иран и Пакистан се блиски соседи на Кина, пријателски земји и земји со големо влијание, а Кина искрено се надева дека двете страни можат да ја задржат смиреноста и воздржаноста“, изјави портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи.
„Доколку има потреба од двете страни, ние сме подготвени да играме конструктивна улога за да ја смириме ситуацијата“, додаде таа.
Три жени и четири деца се убиени во пакистанскиот напад, објави иранската новинска агенција Ирна.