Кинески дипломати вршат притисок врз претставници на најмалку шест земји, вклучувајќи ги Македонија и Босна и Херцеговина, да не присуствуваат на самитот што ќе се одржи во Тајван.
Политичари од Македонија, Боливија, Колумбија, Словачка, Босна и Херцеговина и друга азиска земја изјавиле за Асошиејтед прес дека добивале пораки, повици и итни барања за состаноци со цел да ги одвратат од патување во Тајван.
Самитот започнува денеска, а домаќин е Интерпарламентарната алијанса за Кина, група пратеници од 35 земји загрижени за тоа како во Пекинг ѝ пристапуваат на демократијата.
Од АП разговарале со организаторите и тројца пратеници и ги разгледале текстовите и мејловите испратени од кинески дипломати во кои се прашуваат официјалните лица дали планираат да присуствуваат на самитот.
„Јас сум Ву, од кинеската амбасада. Слушнавме дека добивте покана од ИПАК, дали ќе присуствувате на конференцијата што ќе се одржи следната недела во Тајван“, гласела пораката испратена до пратеникот и екс-министер, Антонио Милошоски, пренесува црногорски „Вијести“.
„Испратиле директна порака до претседателот на мојата партија да ме спречи да патувам за Тајван“, изјавила Санела Клариќ, пратеник во Парламентот на Босна и Херцеговина.
Клариќ истакнала дека пораката до претседателот на партијата гласела „Ќе те советувам да не одиш, но не можам да те спречам, треба да одлучиш сама“ и додала дека „го мрази чувството кога некој ќе се обиде да ја заплаши“.
Кина рутински се заканува со одмазда против политичарите и земјите кои го поддржуваат Тајван, кој има само неформални односи со повеќето земји поради кинескиот дипломатски притисок.
Претставници од 25 земји се очекува да присуствуваат на овогодинешниот самит и да одржат состаноци на високо ниво со тајванските претставници, се вели во соопштението за јавноста.
Министерствата за надворешни работи на Кина и Тајван не одговориле на барањето на АП за коментар за пораките што потенцијалните учесници на самитот ги добиле во последните денови.