Иако извештаите, кои сугерираат дека кинеските власти ги принудувале американските дипломати да направат анални тестови на ковид 19, се покажаа како лажни, илјадници странци наскоро би можеле да се соочат со таа постапка при влегувањето во Кина.
Пекинг, наводно, вовел задолжително тестирање на анален брис за скоро сите странци кои доаѓаат во Кина, пишува „Тајмс“.
Центрите за овој вид тестирање се очекува да бидат лоцирани на аеродромите во Пекинг и Шангај.
Кинеската влада соопшти дека аналните брисеви на коронавирусот покажуваат повисок степен на точност отколку другите методи на тестирање.
Според „Тајмс“, неколку земји веќе изразиле загриженост за неконвенционалниот начин на тестирање на ковид 19, а во весникот се наведува дека патниците од Јапонија биле меѓу првите кои биле подложени на постапката.
„Тајмс“ наведува дека Катсунобу Като, генералниот секретар на владата на Јапонија, го опишал тоа искуство како психолошки тешко за патниците и дека е подготвен да побара од кинеската влада да го смени методот на тестирање, објави „Спутник Интернешнл“.
Првите извештаи за намерата на Кина да користи анални брисеви за тестирање се појавија кон крајот на јануари.
Кинески експерт, цитиран од „Њузвик“, сугерираше дека вирусот преживува подолго во изметот отколку во респираторниот тракт.
Еден месец подоцна беше објавено дека Кина ги принудува американските дипломати да направат анален тест. Сепак, тоа го демантираа и кинеското Министерство за надворешни работи и американскиот Стејт департмент.