Кинеската амбасада во Соединетите држави во четвртокот изјави дека политизирањето на потеклото на КОВИД 19 ја отежнува истрагата откако американскиот претседател Џо Бајден изјави дека разузнавачката заедница на САД е поделена околу тоа од каде потекнува вирусот, објави Хина, повикувајќи се на „Ројтерс“.
Додека Светската здравствена организација (СЗО) се подготвува да започне втора фаза на истраги за потеклото на вирусот КОВИД-19, Кина беше под притисок да им овозможи на меѓународните истражувачи поголем пристап, во услови на неколку неодамнешни извештаи кои укажуваат дека вирусот „избегал“ од лабораторијата специјализирана за истражување на коронавирусот во градот Вухан.
Кина повеќепати негираше дека лабораторијата е одговорна и дека САД и другите земји се обидуваат да го свртат вниманието од сопствените неуспеси во борбата против вирусот.
Амбасадата во четвртокот рече дека „некои политички сили се насочени кон политичка манипулација и наоѓање на виновникот“. Кина поддржува „сеопфатна истрага за сите рани случаи на КОВИД 19 откриени ширум светот и темелна истрага на некои тајни бази и биолошки лаборатории ширум светот“, се вели во соопштението.
„Тие многу јасно се обидуваат да го интернационализираат својот пат од ќор-сокакот во кој се наоѓаат“, рече Џејми Мецл, вработен во Атлантскиот совет кој ја водеше кампањата за нова независна истрага.