Кинеска компанија ги купила правата на технологијата на словачкиот летечки автомобил AirCar

Летечкиот автомобил AirCar, придвижуван од мотор на BMW и обично гориво, леташе 35 минути помеѓу два словачки аеродроми во 2021 година,

од Бети Божиноска

Кинеската компанија Hebei Jianxin Flying Car Technology Company ги купила ексклузивните права за производство и користење на технологијата на словачкиот летечки автомобил AirCar, пренесува Би-би-си  повикувајќи се на изјавата на Антон Зајац, ко-основачот на Kleinvision, компанијата што го создаде AirCar.

Финансиските услови на трансакцијата не се откриени.

Летечкиот автомобил AirCar, придвижуван од мотор на BMW и обично гориво, леташе 35 минути помеѓу два словачки аеродроми во 2021 година, а трансформацијата на автомобилот во авион траеше нешто повеќе од две минути.

Пекинг е заинтересиран за развој на летечки автомобили, а кинеската компанија Autoflight минатиот месец организираше експериментален лет на дрон за превоз на патници меѓу кинеските градови.

На дронот му биле потребни само 20 минути да помине пат за кој на автомобилот му се потребни три часа, но летот бил изведен без патници.

Словачкиот AirCar, за разлика од беспилотните летала, не може да полета вертикално и има потреба од писта за слетување и за полетување.

Новата технологија се соочува со значителни регулаторни и други проблеми на Запад, а Кина би можела да ја искористи ситуацијата и да стане лидер во развојот на летечки автомобили како што тоа претходно го постигна со електричните автомобили, заклучува Би-би-си.

 

Слични содржини