Кинески компании размислуваат за потенцијални инвестиции во развој на логистички центар во Србија, што би претставувало уште една конкретна имплементација на проект во рамките на иницијативата „Еден појас, еден пат“, беше посочено по состанокот меѓу министерката за градежништво, транспорт и инфраструктура Александра Софронијевиќ и делегација од кинеската покраина Хебеј, предводена од вицегувернерот на покраината Џин Хуи.
На состанокот, како што објави министерството, се разговарало за резултатите од стратешкото партнерство меѓу Србија и Кина, како и за можните инвестиции.
Софронијевиќ ја истакна важноста од подобрување на железничкиот товарен сообраќај на рутата Кина-Европа преку Србија, како и можноста земјата да стане клучен центар во овој логистички канал, што, како што рече таа, дополнително ќе ја зајакне економската и трговската соработка меѓу кинеската покраина Хебеј и Србија, пишува eKapija.
„Инвестициите од кинески компании, како што е HBIS, чие седиште е во покраината Хебеј, претставуваат силен столб на овој заеднички развој и проекти во рамките на иницијативата „Еден појас, еден пат“, нагласи Софронијевиќ.
Покраината Хебеј, како еден од економски најмоќните региони во Кина, се карактеризира со висока годишна стапка на раст и големи инвестиции во развој на нови технологии и индустрии, што претставува дополнителен импулс за зајакнување и долгорочна соработка меѓу Србија и Кина, се вели во соопштението на министерството.