Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји изјавил дека демократијата не е Кока-кола и дека САД не можат да го принудат целиот свет да го има истиот вкус што тие го создадоа.
За време на видео-конференција со претставници на Американскиот совет за надворешни односи, Ванг истакнал дека ниту една сила не може да го негира патот по кој се движат другите земји и дека ниту една држава нема да го смени сопствениот систем во согласност со другите што ги сака и не сака, пренесува РИА Новости.
-Ние никогаш не прифаќаме странски модели, не ја извезуваме нашата идеологија и не бараме од другите земји да ги копираат кинеските методи, истакнал Ванг, а пренесува Танјуг.
Тој рече дека наместо тоа, Кина ги повикува сите земји да го следат патот на развој што одговара на нивните национални услови и потребите на луѓето, да се почитуваат и учат едни од други.
„Демократијата не е Кока-Кола, каде што САД произведуваат оригинален сируп, а целиот свет има еден вкус. Ако има само еден модел и една култура на Земјата, светот ќе ја изгуби својата виталност и шансите за преживување“, нагласил кинескиот министер.
Тој рекол дека Пекинг води политика на социјалистичка демократија, која ја рефлектира волјата на народот, одговара на спецификите на Кина и е поддржана од граѓаните.
„Само затоа што оваа форма на демократија се разликува од американската, Кина е означена како авторитарен и диктаторски режим, што е само по себе манифестација на недемократија“, вели Ванг.
Шефот на кинеската дипломатија посочи дека најважното достигнување за време на децениските контакти меѓу Кина и САД е разбирањето дека разликите не ги спречуваат да бараат заеднички јазик и да постигнат заемна корисна соработка и мирен соживот.