Кинеските истражувачи објавија анализа на примероци земени пред повеќе од три години од пазарот во Вухан поврзани со појавата на Ковид-19, пишува Би-Би-Си.
Пазарот за морска храна и диви животни во Хуанан беше фокусна точка во потрагата по потеклото на коронавирусот, но ова е прва рецензирана студија за биолошки докази собрани уште во 2020 година, пренесува Индекс.хр.
Поврзувањето на вирусот со животните што се продаваат на пазарот може да отвори нови линии на истражување за тоа како започнала епидемијата. Истражувањата откриваат дека брисевите кои биле позитивни на вирусот содржеле генетски материјал од диви животни.
Зошто беа потребни три години?
Некои научници велат дека ова е дополнителен доказ дека заразата првично била пренесена од заразено животно на човек. Но, други истражувачи повикаа на претпазливост во толкувањето на наодите и останува нејасно зошто биле потребни три години за да се објави генетската содржина на примероците.
Друга теорија се фокусира на претпоставката дека вирусот случајно истекол од лабораторија во Вухан. Кинеските истражувачи ја објавија онлајн првата верзија на нивната студија во февруари, но не ги објавија целосните генетски информации содржани во примероците собрани од пазарот.
Друга меѓународна група истражувачи подоцна издала сопствена проценка за тоа што откриле тие клучни брисеви откако забележале дека генетските секвенци биле објавени на веб-страница за размена на научни податоци.
Нема дефинитивен доказ
Оваа нова анализа, која беше потврдена од други научници пред да биде објавена во списанието „Nature“, вклучува поважни детали за содржината на оние примероци кои беа собрани од тезги, површини, кафези и машини внатре на пазарот.
Работата на кинеските истражувачи покажа дека некои примероци, собрани од области каде што се продавале диви животни, биле позитивни на вирусот. Нивната анализа, исто така, покажа дека животните сега за кои се знае дека се подложни на вирусот, особено којотите, се продавале живи на тие места.
Сепак, кинеските истражувачи нагласија дека нивните наоди не се дефинитивен доказ за тоа како започнала пандемијата.
„Овие еколошки примероци не можат да докажат дека животните биле заразени“, се објаснува во студијата. Останува можноста, се додава во студијата, вирусот да бил внесен на пазарот од заразено лице, а не животно.
„Најважно е податоците да бидат објавени“
Професорот Дејвид Робертсон од Универзитетот во Глазгов е виролог кој е вклучен во генетско истражување за потеклото на САРС-КоВ-2 од неговото појавување во 2020 година.
„Она што е најважно, оваа многу важна база на податоци сега е објавена и достапна за истражување на другите“, изјави Робертсон за Би-Би-Си.
Но, тој додаде дека содржината на примероците е убедлив доказ дека животните таму веројатно биле заразени со вирусот:
„Целиот број на докази е важен. Кога ќе го комбинираме ова со фактот дека раните случаи на ковид-19 во Вухан беа поврзани со пазарот, имаме силни докази дека имало пренос од животно на пазарот овде“.
Теоријата за вирусот што протекува од лабораториите добива се повеќе поддржувачи, во тоа верува и ФБИ
Овие наоди беа објавени во време кога теоријата за истекување на вирусот од лабораториите добива се повеќе поддржувачи во државните институции на САД.
Кинеската влада силно ги отфрли сугестиите дека вирусот потекнува од научна установа, но ФБИ рече дека верува дека тоа сценарио е „најверојатно“. Истото го соопшти и американското Министерство за енергетика.
Различни американски служби и агенции ја истражуваа мистеријата и дојдоа до различни заклучоци, но на 1 март директорот на ФБИ го обвини Пекинг дека прави се што е во негова моќ за да се обиде да ја спречи и замагли вистината и откри дека бирото долго верувало во теоријата за истекување од лабораторијата. ФБИ не ги објави своите наоди јавно, што ги фрустрира некои научници.