Кинески научници тврдат дека изолирале антитело кое може ефикасно да ги неутрализира сите видови на коронавирусот, повикувајќи се на лабораториски експерименти и на жив организам.
Во студијата објавена во вторникот, кинеските научници од различни институции, вклучително и Универзитетот Сун Јат Сен во Гуангжу и Универзитетот Жеџијанг во Хангжу, сугерираат дека би можеле да имаат решение за пандемијата Ковид 19.
Авторите тврдат дека моноклоналното антитело 35B5 во лабораториски услови, но и во истражување спроведено на жив организам, се покажало дека го неутрализира типот на Ковид 19 без мутации, но и оние варијанти кои предизвикуваат загриженост. Истражување на живи организми е спроведено на глувци.
Научниците, исто така, забележаа дека антителото делува и на „многу мутираната“ делта варијанта, која е одговорна за смртоносните бранови на инфекција ширум светот, откако првпат се појави во Индија на почетокот на оваа година.
35B5 го неутрализира коронавирусот со таргетирање на еден епитоп (делот од антигенот што имунолошкиот систем го препознава) кој ги избегнува местата на мутација. Со други зборови, 35B5 цели на еден дел од вирусот кој не се менува за време на процесот на мутација.
Насочувајќи го делот од вирусот кој не е засегнат од мутации кои се сметаат за загрижувачки, антителото 35B5 покажа ефикасна способност да се неутрализира во неколку различни видови.
Научниците тврдат дека ова откритие може да се искористи за создавање универзална вакцина против коронавирусот.
Делот од антигенот што го таргетира антителото 35B5 е присутен и во „омикрон“ варијантата, забележуваат научниците.
Ова истражување може да се покаже особено вредно во време кога силно мутираниот „омикрон“ се шири низ светот. Водачите и научниците ширум светот се загрижени дека „омикрон“ би можел успешно да го заобиколи имунитетот создаден со вакцинација или природна инфекција.