Унгарскиот премиер Виктор Орбан демантира дека заемот од официјална Будимпешта за Македонија е всушност кинески заем.
-Кинески заем не можеме да даваме, кинески пари не можеме да даваме оти ние со нив имаме договор сите пари што доаѓаат од Кина, да одат на конкретни проекти за развој во Унгарија. Европски пари можеме и тие ќе ви ги даваме, кажа Орбан на прес-конференцијата со претседателот на македонската Влада, Христијан Мицкоски.
Собранието пред десетина дена го усвои законот за задолжување од Унгарија, со кој земјава ќе земе половина милијарда евра од унгарската Експорт – импорт банка. Опозицијата критикуваше дека кредитот бил преговаран тајно, уште кога ВМРО-ДПМНЕ била во опозиција.
Во меѓувреме унгарски медиум „Портфолио“ објави дека унгарската Влада тајно позајмила една милијарда евра од кинеските банки оваа пролет. Медиумот се повикува на ажурираната статистика на Центарот за јавно менаџирање на јавниот долг. Унгарските власти го зеле кредитот од кинеските развојни банки, а треба да го вратат до април 2027 година.