Кинескиот конзулат во Одеса оштетен во синоќешниот руски ракетен напад (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska
253 прегледи

Олех Кипер, гувернерот на украинската област Одеса, објави дека кинескиот конзулат во Одеса е оштетен во синоќешниот руски ракетен напад врз истоимениот пристанишен град на Црното Море.

Британски „Гардијан“ пренесува дека Кипер ова го објавил на Телеграм.

„Како резултат на рускиот напад во текот на ноќта, оштетена е зградата на Генералниот конзулат на НР Кина. Агресорот намерно ја гаѓа пристанишната инфраструктура. Оштетени се административни и станбени згради, како и конзулатот на Народна Република Кина. Тоа укажува дека непријателот не обрнува внимание на ништо“, навел Кипер.

Белорускиот независен медиум Некста на Твитер ја објави изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека житото кое било уништено во рускиот напад на Одеса било наменето за Кина.

„Во пристанишниот терминал, кој најмногу настрада од синоќешниот руски терор, имаше 60.000 тони земјоделски производи наменети за испорака во Кина“, рече Зеленски.

„Гардијан“ потсетува дека руското министерство за одбрана синоќешните напади врз црноморските пристаништа Одеса и Николаев ги окарактеризира како „одмазднички удари“ за нападот на мостот на Крим што беше извршен во понеделникот, а за кој се верува дека бил извршен со подводен дрон.

Слични содржини