Покрај сите напори на Daimler, моделот Smart и понатаму наталожуваше загуби и имаше слаба продажба. Според инсајдерски информации, германскиот гигант размислуваше да го укине производството на малиот компактен автомобил. Тогаш стапија на сцена Кинезите.
Токму кога сите си мислеа дека на Smart му се одброени деновите, кинеската групација Zhejiang Geely Holding Group стана 50-процентен сопственик на брендот.
Во Кина ќе се гради нова фабрика од каде првиот Smart автомобил ќе излезе во 2022 година. Тоа значи дека фабриката на француско-германската граница или ќе се пренамени или ќе се затвори.
Во Smart немаа голем избор, а и Daimler очигледно е влезе со многу емоции во преговорите. Очекувањата не беа многу големи, се бараше решение само да престане расејувањето пари.
„Ова е најверојатно последна шанса за Smart. Разбирливо е што Daimler не се одлучуваше така лесно да го згасне брендот по толку години вложување во него“, вели за ваквиот потег финансискиот аналитичар Јирген Пајпер за Automotive News.
Како најголем проблем за компактниот Smart се покажа цената. За урбан двосед беше прескап, а премал за семеен автомобил. Продажбата опаѓаше од месец во месец.
Откако почна да се произведува во 1998 година, Smart наталожи милијарди евра загуба, а не помогна ни соработката со Renault.
Брендот лани имаше пад во продажбата од 4,6%, односно само 128.802 продадени примероци. Со тоа генерираше годишна загуба од 500 до 700 милиони евра, проценува агенцијата Evercore ISI.
Geely се покажува како успешен сопственик на брендот Volvо од 2010 година, а лани за околу 9 милијарди долари купи речиси 10% удел во Daimler. Сега влезе во заеднички потфат со германскио автопроизводител и од следната година ќе го развива Smart како електричен бренд.
Електрификацијата ќе значи нови трошоци, што значи дека пак е неизвесно дали ќе падне цената на Smart или барем ќе вреди за таа цена на младиот пазар на еколошки автомобили.