Два „ер-тактори“ со четири членови на екипажот со уште пет лица за копнена поддршка од Република Кипар ќе учествуваат во гаснењето на пожарите во Општините Свети Николе и Чашка, како дел од помошта за нашата држава од ЕУ механизмот за цивилна заштита, информираат грчките медиуми.
Од Секторот за шумарство при Министерство за земјоделство, рурален развој и животна средина на Република Кипар соопштија дека „по наредба на директорот на конкретниот сектор Савва Иезекил и по консултација со надлежната министерка Мариа Панајоту, преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија се испраќа помош за Република Северна Македонија за справување со шумските пожари во областите Чашка и Свети Николе“, а соодветно бил информиран и министерот за надворешни работи на Кипар Константинос Комбос.
Авионите, како што информира тамошното министерство, се опремени со соодветна опрема за полнење гориво и употреба на пена, како и со соодветна телекомуникациска опрема, односно за комуникација со Единицата за медиуми за летање во Ларнака, така и за пренос на информации и фотографски материјал.
Во моментов, гори на шест места во Македонија. Екипите на терен, хеликоптери од воздух веќе еден месец се обидуваат да ги стават пожарите под контрола.